Легендарната хард рок група „Вајтснејк“ уште еднаш ќе ја посети Македонија, овојпат во рамките на она што е најавено како нејзина проштална турнеја. Организаторот „Авалон продукција“ објави дека Дејвид Кавердејл и друштвото доаѓаат во Скопје на 12 јули следната година, а концертот ќе се одржи на стадионот на АРМ.

Тоа ќе биде трето гостување на „Вајтснејк“ во Скопје во изминатите десетина години, по претходните настапи на лизгалиштето и во арената „Борис Трајковски“.

Кавердејл ја формираше „Вајтснејк“ во 1978 по заминувањето од „Дип парпл“ и со неа сними 13 албуми, од кои последниот излезе пред две години. Сега веќе 70-годишен, тој потврди дека дефинитивно ќе се пензионира по завршувањето на турнејата, но тоа сепак нема да се случи наскоро, бидејќи таа постојано се дополнува со нови датуми.

Групата ова лето објави дека кон поставата го приклучува и хрватскиот пејач Дино Јелусиќ, во улога на придружен вокал.

Г. КОНЕВ