Скопската премиера на „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, е закажана на 24 ноември на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ), како дел од 46. Млад отворен театар. Премиерата беше на 18 септември во Сараевски ратни театар (САРТР). Претставата со три лика (Дарја Ризова како Маша, Саша Ханџиќ како таткото и Џана Џаниќ како Нина) се игра на македонски и на босански јазик.

„Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во БиХ освои четири награди: за режија, најдобри актерка и актер и за актерска игра. Следните изведби се закажани на 25 и 26 ноември.

Босанскиот актер Ханџиќ за СМАРТ СДК.МК говори за искуството од работата со македонската екипа и за враќањето на театарската сцена во ковид пандемијата.

  • По вторпат соработувате со Николиќ и Ризова, по претставата „Отело“. Како течеше соработката на оваа претстава?

СХ: Со Дарја Ризова првпат соработував на претставата ‘Отело‘. Имајќи предвид дека таа го толкуваше ликот на Дездемона, а јас на Јаго, бевме директни партнери. Претходно ја имав гледано во претставите ‘Еден месец на село‘ и ‘Галеб‘, така што знаев дека станува збор за исклучително емотивна актерка која максимално посветено и бескомпромисно пристапува кон градењето на ликовите и која на изведбите им дава енергија која може да го покрене целокупниот ансамбл на претставата. Дарја е актерка која ни за момент не ви дозволува да се опуштите на сцената и поради тоа мислам дека е идеален партнер каков што може само да се посака. Во ‘Отело‘, обајцата игравме на свој мајчин јазик и забележавме дека не постојат апсолутно никакви пречки да се пристапи на овој начин, така што во оваа претстава работевме со истиот метод, со таа разлика што јас во одредени сцени за првпат говорам на македонски. Дарја покажа трпеливост и толеранција за сите мои грешки, а најголема благодарност во однос на ова му изразувам на првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, кој беше мој професор за македонски јазик.

„Насловот звучи оптимистично, но претставата говори за девастираниот микрокосмос на едно семејство“, вели Ханџиќ. (Фото: Дневни аваз)

Во меѓувреме, сите ние толку добро се запознавме што станавме блиски пријатели, така што работата на претставата се одвиваше во опуштена, но максимално професионална атмосфера. Најголемо задоволство е кога со блиски луѓе во креативен процес можеме да си дозволиме понекогаш да не се согласуваме за тоа како треба да ги реализираме работите, постојано преиспитувајќи ги постапките, но истовремено и да ги задржиме меѓусебното почитување и добрите намери. Ние имавме токму таков процес, за што исклучително сум им благодарен на Дарја, Џана и Нина.

  • Какво е чувството да се вратите на сцена после една година? Што најмногу ви недостасуваше? Како се работеше во БиХ изминативе две години од пандемијата?

СХ: За мене, ова е прва премиера по речиси две години и чувството повторно да се излезе на сцена е навистина феноменално. Оваа претстава всушност настана од исконската потреба да се вратиме на сцена и целата акумулирана енергија да ја споделиме со публиката, зашто токму тој директен контакт со нашите гледачи е она што на секој актер најмногу му недостига. Интерно се договоривме дека сакаме да работиме заедно и почнавме да бараме соодветен текст. На предлог на нашата колешка Џана Џаниќ, го прочитавме текстот ‘Нема да биде крај на светот‘, во кој сите се вљубивме уште при првото читање. Првиот дел од процесот, читачките проби, ги работевме онлајн во домашни услови, а мизансценските проби ги направивме во август во МНТ.

Сцена од „Нема да биде крај на светот“ (Фото: МНТ)

Во Босна и Херцеговина, како и во Македонија, се работи со намален интензитет, со редуциран број на гледачи и главно се изведуваат претстави со помал број актери. За жал, според мене, театарот е најпогоден од пандемијата, зашто не постои начин да се заштитат актерите. Вакцинацијата донекаде помогна да се отворат театрите, но сѐ уште постои ризик, кој некои наши колеги скапо го платија.

  • Насловот на текстот е оптимистичен. Ќе се вратиме ли во нормала?

СХ: Насловот звучи оптимистично, но претставата говори за уништениот микрокосмос на едно семејство. Ликовите се заглавени во времето и просторот, немоќни да си помогнат сами на себе, оптоварени со минатото, несреќни во сегашноста и без надеж за посветла иднина. Ние како автори сакавме да им оставиме можност за излез од тој апокалиптичен свет, но поради гледачите, нема подетаљно да зборувам. Сведоци сме дека светот во кој живееме не ветува многу. Климатските промени се сѐ повидливи и поразорни. Пандемијата уште еднаш ни покажа колку се мали и безначајни нашите животи, но најмногу ме боли недостигот на емпатија. За мене, тоа е крај на светот! Неразбирливо ми е што поединци се однесуваат безобѕирно, иако со своето неодговорно однесување можат да загрозат туѓи животи. Порано или подоцна, светот сигурно ќе се врати на она што го нарекуваме нормално. Жално е што никој нема на него да гледа со исти очи.

Б. НЕСТОРОСКА