Камерниот оркестар „Ангел Шурев“ беше промовиран во салата „Бели мугри“ во Велес, по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Тој засега брои 16 члена-дипломирани музичари, а е формиран на иницијатива на градоначалникот Аце Коцевски, со цел да се развива музичкиот и културен живот во Велес.

За диригент е назначен м-р Илија Настовски, професор по музичко, кој искуството го стекнуваше кај познатите диригенти Јануш Псибилски од Полска и Алгис Забрас од Литванија.

За диригент е назначен м-р Илија Настовски, професор по музичко (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Имаше огромна желба од страна на изведувачите да се формира составот. Се собравме, почнавме со проби и еве го првиот резултат. Засега работиме во музичкото училиште. По најавата дека ќе се формира оркестар, сите колеги музичари од градот кои беа поканети и беа слободни прифатија да членуваат. Имаме една членка и од Куманово, која доаѓа на проби секој четврток, како и ученици од музичките училишта“, вели Настовски.

Следниот настап на камерниот состав ќе се случи во септември.

Ангел Шурев, по кого камерниот состав го носи името, е роден во Велес во 1932, а почина во Белград во 2004. Завршил специјализација во Рим, каде три години бил диригент во операта. Пред и потоа бил диригент во Белградската опера, Симфонискиот оркестар и во хорот на ЈНА во Белград.

П. ПЕЧКОВ