Владо Јаневски ѝ посвети песна на Сара Пројковска, професорка по пијано и придружен вокал која загина во пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, на неговиот концерт сношти (8 август) во Античкиот театар во Охрид. Јаневски се расплака додека се сеќаваше на Пројковска која долго пееше како негов придружен вокал.

„Морам да го кажам ова. Лани на оваа сцена бевме 10, сега сме 9, Сара отиде. На концертите во Филхармонија во Скопје ми рече: ‘Баце, многу тажни песни правиш’. Ова ќе биде секогаш песната на Сара“, рече Јаневски за „Ненормален“, една од неговите најемотивни балади. Како придружни вокали настапија Теа Богатинова, Стево Чепишевски и Ана Костадиновска, најблиската другарка на Пројковска која преживеа во пожарот. Цел Антички даде силен аплауз за Сара Пројковска, омилена соработничка на повеќето од македонските поп-пејачи. Дуото Ана и Сара, долги години заедно пееја придружни вокали на речиси сите солистички концерти и манифестации.

Во една најава, Владо Јаневски наместо Ана рече Сара, претставуваќи ги вокалите, а потоа додаде: „Намерно реков Сара, таа е секогаш со нас“. Костадиновска, Чепишевски и Богатинова се расплакаа пеејќи ја омилената песна на колешката.
Владо Јаневски во рок една година втор пат го наполни Антички театар. Лани, одржа концерт на 10 август на истото место.

“Многу ни е убаво втора година по ред овде. Да сме живи и здрави, би сакал секое лето на почетокот од август да се гледаме на истава сцена. Ќе пееме три часа. Ако треба, пет дена нека не можам да зборувам, ќе пеам три часа од срце заедно со вас“, рече Јаневски. Во тоа е неговиот феномен. За повеќе од 30 години напиша песни кои станаа евергрини, луѓето се препознаваат во нив, ги пеат на концертите со ист жар, со неговите песни се отвараат свадби, а Јаневски вели дека одбил многу млади луѓе кои го поканиле да им ја овори свадбената веселба.

Овој концерт беше емотивен, весел и енергичен како и претходниот, но овојпат, Владо помалку зборуваше, а повеќе пееше. За новата песна, „Штом сум среќна“, снимаше спот за време на концертот, што е уште една негова традиција. Лани сними спот за „Твој засекогаш“ исто така во Охрид, а во 2012, во Универзалната сала за „Две души и месечина“.
Пред да го вратат на бис, Јаневски го најави својот поголем скопски концерт, на 20 декември. Концертот го организираше продукција „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА