Емотивен рокенрол концерт со најубавите песни што ги оставил Влада Дивљан се одржа вчера (17 ноември) во Филхармонијата. Свиреа музичари кои растеле заедно со белградскиот рокер од бендот „Невладина организација на Влада Дивљан“, составен од некогашни членови на „Идоли“ и нови, помлади музичари. Концертот насловен „Имам само една љубов“ беше еден од најљубовните што се одржал во Скопје.
„Да ми речеше некој дека некогаш ќе пеам љубовни песни… Се распрашав и ми рекоа дека во Филхармонија е дозволено да се танцува“, кажа една од гостинките Ана Ѓуриќ-Констракта и ја охрабри публиката, која на почетокот беше срамежлива и едвај чекаше да стане да заигра.
Констракта рече дека многу го цени она што Дивљан го напишал и, меѓу другите, ги испеа „Русија“ и „Џуџиња“ (Патуљци). По настапот се симна во публиката и го изгледа концертот докрај.
Одличен избор за гостин беше Кирил Џајковски, кој рече дека со Влада Дивљан најмногу се дружел и соработувал додека биле во Австралија. Во придружба на виолинист и трубач, бендот заедно со Џајковски ја отсвире највеселата песна на концертот, „Баба Зумбула“, која Дивљан ја испеа за филмот „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски.
На видеобим се менуваа слики од Дивљан од 1970-тите, кога почнал да станува рокенрол идол на младите, па сè до 1990-тите, кога веќе имаше потврден статус на ѕвезда.

Највпечатлив момент беше хитот „Малечка“ (Малена), кога стариот пријател и соработник на Дивљан, Зденко Колар, го изрецитира делот кој го рецитираше Дивљан. Една од најромантичните и најоригинални песни на „Идоли“, со стихови на македонски, публиката ја испеа од почеток до крај.
Во бендот, освен Колар, со најголем жар како Влада Дивљан да стои пред нив свиреа Саша Шандоров, Борис Буњец, Марко Миливојевиќ и Марко Чалиќ, а пееше Дамјан Дашиќиќ.
Пред бисот, на сцената излезе менаџерот Логин Кочишки од „Пасворд“, организаторот на концертот кој се одржа во рамките на фестивалот Таксират.
„Отидов во Белград на концерт на Влада Дивљан и го излажав дека сум новинар и дека правам документарец за него. Ми даде многу материјали, не можев да се однесам до дома. По некое време ми се јави и ме праша до каде сум, зашто луѓе од Босна и Херцеговина сакаат да го направат истото. Не можев по телефон да му кажам дека сум ги загубил материјалите, па заминав во Белград. Седнавме на пијалак за храброст и кога му кажав дека материјалите ги нема, само ми рече: ‘Пијачката ја плаќаш ти‘“, рече Кочишки за големината на Дивљан.
„Девојко мала“ очекувано стаса на крајот, со целата публика на нозе.
Дивљан (1958-2015) ја почна музичката кариера кон крајот на 1970-тите, а се прослави како фронтмен на групата „Идоли“, еден од предводниците на југословенскиот нов бран. „Идоли“ снимија два албума пред да се распаднат во 1984, по што Дивљан почна соло кариера, што опфати и филмска музика. Од 1991 главно живееше во странство, прво во Сиднеј, па во Виена, каде што и почина.
М. ЏАРОВСКА