„ВАТЕРЛО“ НА „АББА“ ИЗБРАНА ЗА НАЈДОБРАТА ЕВРОВИЗИСКА ПЕСНА НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лондон, (Би-Би-Си)

„Ватерло“ на „АББА“ е избрана за најдобрата евровизиска песна на сите времиња. Би-Би-Си го спроведе изборот на денот кога требаше да се одржи финалната вечер на годинашната Евровизија во Ротердам, која беше откажана во март поради коронавирусот.

Шведската четворка победи на Евровизија во 1974 година, што се одржа во англискиот град Брајтон. Песната потоа стигна до првото место на британската топ листа и ја лансираше кариерата на групата.

Васил Гарванлиев требаше да ја претставува Македонија во Ротердам, но неговата „Ти“ ќе остане несудена евровизиска песна. Ротердам го задржа правото да биде домаќин на Евровизија во 2021 година, но учесниците ќе треба да изберат нова песна. Некои држави, како Грција, Бугарија и Шпанија, најавија дека ќе го испратат истиот изведувач со цел да му дадат втора шанса, но со нова песна.