СВАЛБАРД – МЕСТО КАДЕ ШТО СЕКОЈ МОЖЕ ДА ЖИВЕЕ, А ПОЛАРНИТЕ МЕЧКИ СЕ ПОБРОЈНИ ОД ЛУЃЕТО

Осло, (Би-Би-Си)

Од октомври до март е во постојана темница, а во лето има 24-часовна дневна светлина.

Лоциран 800 километри северно од норвешкото копно среде Арктички Океан, архипелагот Свалбард е најсеверното постојано населено место на светот. Има свој универзитет, црква и пиварница и тоа е едно од ретките места на светот каде што секој е добредојден да живее. Од речиси 2.400 жители на главниот град Лонгјирбјен, речиси една третина се доселеници од 50-ина држави. Секој може да престојува во Свалбард без виза сѐ додека има редовна работа и место за живеење.

Од октомври до март Свалбард е во постојана темница

Се верува дека викинзите први ги истражиле овие острови околу 1200 година, а рударството била примарна индустриска гранка во најголемиот дел од 20. век. Овие денови, главни активности на Свалбард се туризам и екологија.

Свалбард не бил под ничија власт до 1920-ите, по што Норвешка добила суверенитет врз него со договорот што денес го гарантираат 46 држави. Една од клучните ставки на овој договор е што на Свалбард сите луѓе имаат ист статус.

Средби со поларни мечки се нормална појава

Иако на островите има 40 километри патишта, меѓу населбите може да се дојде само со брод во лето, односно со моторна санка во зима. Секој што живее надвор од урбани услови треба да носи оружје поради можна средба со поларна мечка, кои се мнозинство на архипелагот (околу 3.000 наспроти 2.926 луѓе).

Иако е отворен за секого, Свалбард не е идеално место за раѓање и умирање. Тој не располага со болница за бремени жени, а во случај на смрт, телото мора да се однесе во Норвешка. Погребите на Свалбард не се дозволени од 1950-ите, бидејќи телото не може да се распадне во тамошниот пермафрост.