Продажбата на грамофонски плочи во САД ја надминала продажбата на цедеа за првпат од 1986 година, објави американската дискографска асоцијација РИАА.

Во првата половина од годината биле потрошени 232,1 милион долари на винили, додека во исто време биле купени цедеа во вредност од 129,9 милиони долари.

Продажбата на плочи е во постојан пораст од 2005 година, кога на нив биле потрошени само 14,2 милиона долари. Најпродаваната плоча во САД минатата година била „Еби роуд“ од „Битлс“.

Плочите учествувале со 62% во вкупната продажба на физичките носачи на звук, но приматот и натаму го има стримингот, на кој отпаѓа 85% од вкупните музички продажби. Приходите на платформите како Спотифај, Епл мјузик и Амазон во првите шест месеци од годината изнесувале 4,8 милијарди долари, што се должи и на затвореноста на луѓето поради пандемијата.