Можевме да имаме и трет и четврти и петти концерт, но рековме дека ќе застанеме на овие два, рекоа Драган Спасов-Дац и Александар Митевски пред нивните концерти „Дамите бираат“, кои ќе се одржат на 6 и 7 март во Македонскиот народен театар (МНТ) по повод 8 Март.
Спасов најави дека концертот ќе биде поделен во три дела, а на сцената ќе ги придружува групата „Дрим тим“. Дуото и директорот на МНТ рекоа дека трет концерт ќе има на 18 јуни, на отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“.
„Првиот дел е прием со пијалак за довредојде. Во фоајето на Македонскиот народен театар ќе ве пречека нашиот диџеј Миле Џолев, доктор за музика. Потоа оди концертот, кој ќе трае колку што ќе трае. Не знаеме ни ние точно колку, затоа што е жива материја. По концертот се селиме повторно во фоајето на коктел и нѐ очекува нашиот пријател Јоргуш на клавијатури. Ќе има и плус пеење и ќе ја заокружиме вечерта некаде околу еден часот. Од 20 до еден часот ќе има убава програма и во ниеден момент нема да биде здодевно“, рече актерот Драган Спасов-Дац.
Продуцентот Алексацдар Митевски кажа дека ќе се пеат песните на дуото, хитови од други пејачи и евергрини.

„Концертот го насловивме ‘Дамите бираат’ и тоа ќе биде еден вистински празник на љубовта и на жената. Бендот е надополнет со уште музичари и ќе брои 16-17 луѓе на сцената заедно со нас. Имаме и интересни специјални гости. Решивме да не ги откриваме за да биде изненадувањето уште поголемо. Баш ќе биде нешто посебно. Луѓето нѐ имаат гледано во различни формати на оние забави што ги правиме низ Македонија. Концертите ќе бидат круната на она што го замисливме“, рече Митевски.
Спасов додаде дека до пензија му останува уште една година, а проектот „Уште ми фалиш“, кој го започнале со Митевски со многу љубов, му дава дополнителна енегрија.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, кажа дека за него е најважно зградата да им служи на луѓето кои ќе дојдат на убав настан, без оглед дали е театарска претстава или концерт.
„Кога бев студент, ги гледав претставите на Дац, а како тинејџер растев со музиката на Александар Митевски“, рече Кимовски.
Митевски рече дека дуото ја издаде првата плоча насловена по хитот „Уште ми фалиш“.
„Плочата е црвена и се нарачува онлајн преку ‘Дурис шоп’ со наш потпис“, рече Митевски.
М. ЏАРОВСКА