НАД 100 ПАТИ ГО ГЛЕДАВ МОЈОТ ГОЛ ПРОТИВ РЕАЛ, ВЕЛИ ХЕРОЈОТ НА ШЕРИФ, СЕБАСТИЈАН ТИЛ

Мадрид, (Би-Би-Си)

Херојот на молдавскиот првак Шериф, Себастијан Тил, вели дека стопати го гледал победничкиот гол против Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Неговиот полуволеј во 89. минута ја креираше една од најголемите сензации во историјата на натпреварувањето, кога дебитантот го победи 13-кратниот европски првак со 2:1.

Репрезентативецот на Луксембург вели дека постојано добива потсетувања на големиот момент во Мадрид.

„Многу мои пријатели го објавија голот на социјалните мрежи, па го гледам кога и да го отворам телефонот. Досега повеќе од 100 пати. Луксембург е мала земја, па можеби сега таму слушнале за мене“, вели 27-годишниот Тил.

Тој дојде во Шериф во јануари како отстапен играч од луксембуршкиот Прогрес Нидеркорн, а претходно беше на заем во рускиот клуб Тамбов, кој во меѓувреме прогласи банкрот.

„Ова е најубавиот и најважен гол во мојата кариера. Како дете сонуваш да играш против најголемите клубови. Дури после мечот сфатив што сум направил“, рече Тил.