Српскиот писател Владимир Пиштало е добитник на наградата „Прозарт“ за 2024, што Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ ја доделува по 12. пат. Фестивалот ќе се одржи од 15 до 17 септември во Скопје. Наградата ќе му биде доделена на Пиштало на свеченото затворање на фестивалот, во Даут пашин амам.
„Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон. Тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува деталите на животот, а од друга страна, го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата ‘Прозарт‘ сосема заслужено и праведно му припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори“, стои во образложението.
Претседател на жири комисијата за доделување на наградата е Ермис Лафазановски, а членови се Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Гости на годинашното издание ќе бидат хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и македонските автори Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.
Фото: В. Величковиќ