НАЈДОБРИОТ СВЕТСКИ ВЕЛОСИПЕДИСТ ПОГАЧАР НЕМА ДА НАСТАПИ НА ОЛИМПИЈАДАТА ОТИ ВО ТИМОТ НА СЛОВЕНИЈА НЕ Е ВКЛУЧЕНА ДЕВОЈКА МУ

Љубљана, (Гардијан)

Најдобриот светски велосипедист Тадеј Погачар потврди дека една од причините што нема да настапи на Олимписките игри во Париз е што во словенечкиот олимписки тим не беше вклучена неговата девојка Уршка Жигарт.

Само ден откако третпат победи на Тур де Франс, Словенечкиот олимписки комитет објави дека Погачар нема да вози во Париз поради замор. Сепак, тој синоќа замина на трка во Холандија, по што го коментираше изоставувањето на Жигарт од олимпискиот тим.

„Тоа не е главната причина што го откажав настапот, но не ми помогна. Мислам дека заслужи да учествува. Таа е двократна државна шампионка во друмско и хронометарско возење. Уршка ѝ донесе многу поени на Словенија во изминатите две години и без неа, не би имале две места на друмската олимписка трка“, изјави 25-годишниот Погачар.

Место Жигарт, во тимот влезе Уршка Пинтар, која на годинашното првенство на Словенија беше 11 минути побавна од неа.

„Така е како што е. Сега можеме заедно да одиме на одмор’, кажа Погачар, кој стана првиот победник на Џиро д‘Италија и Тур де Франс во иста година во овој век.

(Фото: Гети)