Шпанија синоќа ја прекина низата на Италија од 37 меча без пораз, што е светски рекорд, откако ја совлада во полуфиналето на Лигата на нации со 2:1 и притоа на светот му го претстави својот нов суперталент.
Селекторот Луис Енрике го вклучи плејмејкерот Гави во првиот тим, кој со 17 години и 62 дена стана најмладиот репрезентативец на Шпанија досега, соборувајќи го 85 години стариот рекорд на Анхел Субиета (17 години и 284 дена). Иако зад себе имаше само три првенствени меча во дресот на Барселона, Енрике одлучи да им се спротивстави на Верати и Жоржињо во средниот ред со младиот Гави, кој покажа невидена самоувереност, ги засени големите ѕвезди и го воодушеви својот тренер.
„Секогаш зборувавме за тоа како тој е необичен и редок случај. Не е нормално како игра со 17 години. Тој игра лесно како да е во дворот на својата куќа. Задоволство е да се гледа играч со таков квалитет и личност. Тој е иднината на нашиот национален тим, но исто така покажа дека е дел од сегашноста“, изјави Енрике.
Гави, чие полно име е Пабло Мартин Паес Гавира, е член на Барселона од 11-годишна возраст, откако беше регрутиран од младите категории од Реал Бетис. Првиот професионален договор го потпиша во септември 2020 и една година подоцна, само неколку недели по 17. роденден, дебитираше за првиот тим на средбата со Хетафе.