НЕДОЛИЧНО ДОПИРАВ ЛУЃЕ ВО МИНАТОТО, НЕ СФАЌАВ ДЕКА НЕ ГО САКААТ ТОА, КАЖА КЕВИН СПЕЈСИ

Лондон, (Гардијан)

Кевин Спејси призна дека недолично допирал луѓе во минатото, гостувајќи во емисијата на британскиот водител Пирс Морган на Јутјуб.

Двократниот оскаровец, чија кариера целосно пропадна со појавата на #MeToo движењето, беше ослободен од обвиненијата за сексуално вознемирување и сексуален напад на сите досегашни судења во Велика Британија и САД. Тој секогаш ги негираше обвинувањата.

Спејси му призна на Морган дека во минатото ги пробивал границите, појаснувајќи на кој начин.

„Допирав луѓе на сексуален начин и во тој момент не знаев дека тие не го сакаат тоа. Сум галел луѓе, сум бил нежен со нив, но јас сум таков. Се додворуваш некому, не сакаш да бидеш агресивен. Сакаш да бидеш нежен, за да видиш како ќе реагираат. Но, тие треба да ти дадат на знаење дека не го сакаат тоа, за да знаеш да запреш“, кажа Спејси.

Тој откри дека неговиот дом во Балтимор бил продаден на аукција за да може да ги подмири трошоците за сите судења

„Од 2012 сум во Балтимор, но сега не знам точно каде ќе живеам. Морав да ја продадам куќата за да ги платам сите долгови. Должев милиони долари поради судските трошоци“, рече тој.

Спејси беше отпуштен од серијата „Куќа од карти“ откако во 2017 почнаа да се појавуваат обвинувања против него и потоа го снема од Холивуд.

(Фото: Икс)