НИКОЈ НЕ САКА ДА ГИ ОБЈАВИ МЕМОАРИТЕ НА ВУДИ АЛЕН

Њујорк, (АФП)

Режисерот Вуди Ален има проблеми да најде издавач за неговите мемоари, објави „Њујорк тајмс“. Директорите на четири големи издавачки куќи, кои побараа анонимност, за весникот изјавиле дека изминатава година добиле понуда за книгата од агент на Ален. Никој од нив не дал понуда, а некои дури одбиле да го прочитаат материјалот, рекле тие за „Њујорк тајмс“.

Откако се појави движењето #MeToo против сексуално малтретирање, повторно станаа актуелни обвинувањата дека Ален во 1990 ја злоупотребувал својата посвоена ќерка Дилан кога таа имала само седум години. Тој тогаш беше ослободен од обвинение, кое беше поднесено од неговата тогашна партнерка Мија Фероу.

Но, Дилан и денес тврди дека била малтретирана, а поддршка има од нејзините мајка и брат.

На почетокот на годинава, Ален поднесе тужба од 68 милиони долари против стриминг гигантот „Амазон“, тврдејќи дека му го раскинале договорот само поради обвинувањата од Фероу.