Повеќе од седум години по скијачката несреќа во Франција, јавноста конечно би можела да дознае нешто повеќе за состојбата на Михаел Шумахер во нов документарен филм едноставно насловен „Шумахер“. Сепак, на ова уште малку ќе треба да се почека, зашто премиерата на филмот е одложена на неодредено време поради пандемијата на коронавирусот.
„Филмот е завршен, но поради пандемијата не можеме да кажеме кога точно ќе биде премиерата, па бараме уште малку трпение“, изјави продуцентката Ванеса Нокер.
Се очекува филмот да содржи интервјуа со сопругата на Шумахер, Корина, синот Ник, ќерката Џина-Мари и со таткото Ролф. Филмот ќе содржи и приватни снимки и досега невидени фотографии одобрени од семејството.
Шумахер заработи тешки повреди на главата во декември 2013 и оттогаш не е виден во јавност, ниту се откриваа детали за неговата состојба.