Вечерва (28 ноември) од 20 часот, во Народниот театар Битола премиерно ќе се изведе претставата „Повторното обединување на двете Кореи“ според текст на Французинот Жоел Померат, а во режија на младиот словенечки режисер Јуш Зидар.
Директорот на театарот Васко Мавровски рече дека иако насловот наведува дека станува збор за политичка претстава, во суштината се односите помеѓу луѓето. Претставата ја истражува комплексноста на љубовта, врските и човечките емоции низ впечатливи и вознемирувачки сцени.
Режисерот Зидар рече дека за разлика од германскиот театар и Брехт, кои имаа влијание врз Балканот, францускиот театар произлегува од поезијата, не е театар на карактери и паушална психологија, туку емотивно патување во длабочината на човековата душа.
„Нашата претстава е заедничка рефлексија на животот и на тоа како со љубовта на некој начин може полесно да се преживее некоја животна болка“, рече Зидар.
Во претставата играат Иван Јерчиќ, Викторија Степановска-Јанкуловска, Валентина Грамосли и Никола Стефанов.
„Овде станува збор за жртви на капиталистичкото време и за трката која ја имаме секој со себе за да бидеме што подобри од другиот, но и од самите себе. Пример, една жена треба да стигне да заработува исто или приближно како сопругот, да се грижи за домот, за себе да биде една совршена жена, да се грижи за децата и покрај сето тоа, да вежба и еден куп други работи кои во тоа немање време ни носи некое незадоволство и прашање дали сум јас способна да одговорам на ова што денес се нарекува живот“, рече актерката Степановска-Јанкуловска.
Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, преводот го направи Оливера Павловиќ, а Марјан Неќак е композитор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА