Манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ го објави постерот за своето 28. издание, кое ќе се одржи на 19 февруари со салата „Борис Трајковски“.
Постерот го изработи младиот уметник Никола Димов со мотото „Вештачка интелигенција за Владата, природна забава за народот“. На него е и карикатура од актерот Сашко Коцев како свири тапани. Засега нема потврда дали тој ќе се врати како водител.
„Најпопуларната манифестација на домашната сцена нестрпливо ги очекува сите заинтересирани на своето следно 28. издание, закажано на 19 февруари во арената ‘Борис Трајковски’. Под мотото ‘Вештачка интелигенција за Владата, природна забава за народот’, и годинава ги обединуваме најинтересните и најзабавни изведувачи во најголемото шоу, создавано на внимателно набљудување на годината со многу хумор и одлична музика“, велат од радио „Буба мара“, организаторот на шоуто.
Се најавуваат околу 100 учесници од земјата и од регионот. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.
Фото: К. Попов