„ОЕЈЗИС“ СЕ ОБЕДИНИ ПО 15 ГОДИНИ, НАЈАВЕНА И СВЕТСКА ТУРНЕЈА ВО 2025

Лондон, (Би-Би-Си)

Британскиот рок бенд „Оејзис“ потврди дека ќе се обедини по 15 години, при што досега скараните браќа Лијам и Ноел Галагер најавија и серија концерти во 2025. „Оејзис“, чиј дебитантски албум „Definitely Maybe“ излезе пред 30 години, се распадна на 28 август 2009 откако гитаристот и главен композитор Ноел Галагер кажа дека веќе не може да работи со фронтменот Лијам.

Тоа е тоа, ова се случува“, напишаа Лијам и Ноел на своите профили на Икс.

Групата објави дека ќе одржи 14 концерти на стадиони во Велика Британија во јули и август 2025 на домашната етапа од светската турнеја, а подоцна ќе има концерти и надвор од Европа.

Пиштолите стивнаа. Ѕвездите се совпаднаа. Големото чекање заврши. Ова нема да се пренесува на телевизија“, објави групата на својата интернет страница.

Овие концерти доаѓаат 16 години откако Ноел Галагер ја напушти групата пред фестивал во Франција и на 30-годишнината од објавувањето на вториот албум „(What’s the Story) Morning Glory?“, од кој произлегоа големите хитови „Don’t Look Back in Anger“ и „Wonderwall“. Овој албум се продаде во 22 милиони примероци и ѝ помогна на групата да се пробие во САД.

Засега не е потврдено дали обединувањето ја опфаќа целата класична постава и дали ќе се снима нов албум.

(Фото: Фејсбук)