ОПЕРАТА НА БАРСЕЛОНА ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ ЗА РАСТЕНИЈА

Барселона, (Би-Би-Си)

По три месеци под клуч поради коронавирусот, операта на Барселона в понеделник ќе продолжи со работа и тоа со необичен концерт.

На повторното отворање ќе се изведе делото „Хризантеми“ од италијанскиот композитор Џакомо Пучини и концертот ќе се пренесува на сајтот на оперската куќа Лисеу, додека во самата сала публиката ќе ја сочинуваат растенија. Место луѓе, седиштата ќе бидат декорирани со точно 2.292 растенија.

Зад овој перформанс стои шпанскиот уметник Еухенио Ампудија.

„Во времето кога најголем дел од човештвото е врзано за ограничени простори и е принудено да го ограничи своето движење, природата се разви и ги презеде просторите што сме ги земале од неа“, изјави Ампудија.

По завршувањето на концертот, растенијата ќе им бидат подарени на здравствените работници како благодарност за нивната посветена работа за време на епидемијата.