Узбекистан е познат како една од културно најбогатите дестинации во Централна Азија, благодарение на своите древни градови, магичната архитектура и огромната историја.

Британскиот фотограф Кристофер Вилтон-Стир го посети Узбекистан и ја документираше неверојатната убавина на неговите палати и џамии во рамките на своето четиримесечно, 40.000 километри долго патување од Лондон до Пекинг, кое опфати 15 држави.

Деталите на таванот во палатата Таш Хаули

„Целта на мојот проект беше чудата на Патот на свилата да се споделат со поширока публика, да се слави различноста на културните изрази и да се откријат врските помеѓу некои навидум многу различни култури. Исто така, мојата цел беше да побудам интерес за некои помалку познати и разбрани делови од светот“, вели Вилтон-Стир.

Џамијата Биби-Ханим во Самарканд

Низ многу векови, Патот на свилата бил како светски суперавтопат, а Узбекистан бил во самото негово срце и добро го искористил тоа. Во времето на династијата Тимурид, која владеела од 15. до 17. век, изградени се екстравагантни архитектонски бисери, кои вклучуваат разнобојни мавзолеи, споменици, палати, џамии и чаршии и Вилтон-Стир овековечи некои од нив на своето патување.

Таванот на некрополата Шах-и-Зинда

„Особено ме фасцинираше начинот на кој овие градби се прекриени со плочки во геометриски прецизни мозаици. Тоа се форми на куфичната калиграфија која повторува свети зборови. Тие се стари неколку стотици години, но изгледаат модерно како да се дизајнирани вчера“, вели Вилтон-Стир.

Шах-и-Зинда е еден од највеличествените примери на архитектурата на Патот на свилата

Фото: К. Вилтон-Стир