Најголемите мајстори на кујната од пет континенти се собраа во шпанскиот град Билбао, за да ги изберат најдобрите 50 ресторани на светот и да го прогласат шампионот меѓу нив.
Првата награда за 2018 година им припадна на „Остерија Франческана“ во Модена и на неговиот главен готвач Масимо Ботура, чии блескави и понекогаш нереални преработки на класични италијански рецепти го вратија на водечката позиција по две години пауза.
„Ова го изградивме заедно. Нема да ве разочарам. Ако останеме заедно, ќе му покажам на светот дека готвачите се многу повеќе од збирот на нивните рецепти“, изјави 55-годишниот Ботура на свеченоста, која има статус на Оскари во светот на рестораните.
Ручек или вечера во овој ресторан, кој е носител на три Мишелин ѕвезди, чини меѓу 250 и 270 евра, а шише вино од 140 до 180 евра. Сметката за целосна вечера за двајца неретко изнесува над 1.000 евра.
Малку изненадувања имаше во изборот на најдобрите, па „Ел Селер де кон рока“ од Џирона (Шпанија) се проби на второто место, откако претходните три години беше трет, а „Миразур“ од францускиот град Ментон напредуваше од четвртото на третото место.
Ланскиот победник „Илевн Медисон Парк“ во Њујорк, кој се реновираше во поголемиот дел од годината, падна на четвртото место, но останува најдобриот ресторан во Северна Америка.
Иако европските ресторани доминираа на годинашните награди, сите пет континенти беа застапени, па „Гаган“ од Бангкок (Тајланд) и „Сентрал“ од Лима (Перу) се најдоа на петтото и шестото место, како најдобри ресторани во Азија, односно во Јужна Америка.