ОСУМ ОЛИМПИЈАДИ СЕ ДОВОЛНО – ШПАНСКИОТ ТРКАЧ ХЕСУС ГАРСИЈА ОДИ ВО ПЕНЗИЈА НА 51 ГОДИНА

Токио, (Би-Би-Си)

Педесет и едногодишниот Хесус Анхел Гарсија испиша историја во Токио, станувајќи прв атлетичар кој настапил на осум олимпијади. Шпанецот одлучи да ја заврши кариерата откако го освои 35. место на денешната трка во брзо одење на 50 километри.

Гарсија дебитираше во Барселона во 1992, кога ниеден од медалистите на трката на 100 метри во Токио не бил роден. Тој нема да се врати во Париз за три години, кога неговата дисциплина нема ни да биде во програмата на ОИ.

Организаторите решија да ја тргнат оваа трка затоа што нема еквивалент во женска конкуренција. Последниот олимписки првак на 50 километри е Полјакот Давид Томала. Гарсија никогаш не освоил медал на своите осум учества, а најблиску до тоа беше во Пекинг во 2008, кога заврши како четврти.

„Олимписките игри се уникатно искуство, што секој сака да го доживее. Јас имав среќа да одам на нив многупати. Се чувствувам како дел од нешто историско. Осум олимпијади се доволно. Сега сакам да живеам помирен, поопуштен живот“, изјави Гарсија.

Тој исто така е рекордер на светските првенства со 13 учества.

Апсолутниот рекордер е Канаѓанецот Ијан Милар, кој настапи во коњички спортови на десет олимпијади од 1972 до 2012 година.