ОВА СЕ СОЛЗИ НА ГОРДОСТ, НЕ НА ТАГА, КАЖА АНДРЕС ИНИЕСТА, КОЈ ОБЈАВИ КРАЈ НА КАРИЕРАТА НА 40 ГОДИНИ

Барселона, (Би-Би-Си)

Еден од најдобрите шпански фудбалери на сите времиња Андрес Иниеста објави дека ја завршил кариерата, во која освои бројни трофеи за 22 години.

„Дозволете ми да бидам малку емотивен денеска. Никогаш не мислев дека овој ден ќе дојде. Ова се солзи на емоции и гордост, не се солзи на тага. Ова се солзи на момче од малиот град Фуентеалбиља кое имало сон да стане фудбалер. Горд сум на целиот мој пат“, кажа 40-годишниот Иниеста на прес-конференцијата во Барселона.

Иниеста одигра 131 натпревар за шпанската репрезентација и го постигна победничкиот гол во финалето на Светското првенство 2010. Со Шпанија триумфираше и на европските првенства во 2008 и 2012.

Најголем дел од кариерата помина во Барселона, произлегувајќи од нејзината славна академија Ла Масија. За првиот тим дебитираше во 2002 и потоа освои 29 трофеи, од кои четири во Лигата на шампионите. По заминувањето од „Камп ноу“ во 2018 играше во Јапонија и Обединетите Арапски Емирати.

(Фото: АП)