ПОЧИНА АМЕРИКАНСКИОТ АКТЕР И КОМИЧАР ЛЕСЛИ ЏОРДАН

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Популарниот американски актер и комичар Лесли Џордан почина на 67 години. Ѕвездата на бројни ТВ-серии загина во сообраќајна несреќа во Лос Анџелес откако удри во зграда со својот автомобил. Полицијата кажа дека е нејасно дали Џордан починал од ударот или претходно му се слошило.

Џордан, кој уште на 12 години ѝ открил на својата мајка дека е геј, почнал да глуми во 1980-ите откако се преселил во Лос Анџелес по дипломирањето на Универзитетот Тенеси. Препознатлив по својата височина од само еден и пол метри, често играше впечатливи и раскошни ликови, а светска слава му донесе улогата на Беверли Лесли во серијата „Вил и Грејс“, за која освои Еми во 2006 година.

Играше разни ликови во серијата „Американска хорор приказна“, а во последно време беше актуелен со серијата „Викајте ме Кет“, чие снимање сега е прекинато.

Во пандемијата се здоби со милиони нови следбеници на социјалните мрежи откако секојдневно објавуваше видеа од карантин, во кои се осврнуваше на својот богат и неретко проблематичен живот.

(Фото: АП)