ПРАВАМ ЛОКУМ ОД 12 ГОДИНИ, ВО 2001 МЕ ИЗБРКАА ОД РАБОТА ОТКАКО БЕВ ВО ВОЈНА, ПА СТАНАВ СВОЈ МАЈСТОР, ВЕЛИ НИКОЛА ЈАДА ОД КРУШЕВО

Крушево, (СМАРТ СДК.МК)

Секој ден, без оглед дали врне дожд или паѓа снег, на многу студено и на многу топло време, на Гумење, спроти Спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево, можете да го сретнете Никола Јада или чичко Никола локумџијата. Вели дека повеќе од педесет години живее од правење локум, а почнал да го учи занаетот кога имал 12 години.

„Од дете почнав да го учам занаетов, од петто оделение. Татко ми работеше во фабриката ‘Балкан’ и ме зеде мене како како помошник, како калфа. Прво носев дрва за котлите, а потоа ме прашаа дали сакам да учам како се прави локум. Се мислев што да правам, млад бев. Го прашав татко ми и се кандисав да одам. Сите мои другари шетаа, јас затворен таму во работилница, но учев занает“, се сеќава Јада.

Од чирак, се вработил во фабриката кога завршил средно училиште. Таму останал 40 години, а неколку години откако го избркале од работа, почнал со свој бизнис.

„Во 2001 ме избркаа од работа откако ме викнаа во војната во Тетовско како резервист. Жена ми замина да ја земе последната плата и во фабриката ѝ рекоа дека сум одјавен и не можат повеќе да ме плаќаат откако од АРМ ме викнаа. Откако се вратив од Тетово по војната, станав самостоен занаетчија“, ни кажа Никола Јада, кој во времето кога престанал да работи во фабриката за слатки имал 42 години.

Сега, на 65 години остварил право на пензија и локумите ги прави заедно со сопругата.

„Подготвен сум за сите временски услови, носам и шатор ако заврне“, вели Јада, кој продава локуми на Гумење (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Едниот син заврши угостителско училиште, го учи занаетот, тој ќе ме наследи. Другиот е професор по физичко образование во две училишта во Крушево“, вели Јада.

Секој ден доаѓа на Гумење: во зимскиот период околу 10 часот, а кога е потопло и порано и останува до 15-16 часот на тезгата која самиот си ја склопува и расклопува. Продава разни видови локуми со оригинален крушевски рецепт: со лешници, бадеми, малини, аронија. На неговата тезга можат да се најдат и целуфки, познатите крушевски колачи, но и слатка и домашни сокови.

„Тајната за локумот е тајна, а дел ќе ви откријам. Се става вода во котелот колку што е потребно, потоа шеќер и лимонска киселина и се вари еден и пол час до два. Му треба еден цел ден да отстои, а потоа го сечам, го редам, па го пакувам. Некогаш има работа, некогаш многу слабо. Но, кога веќе сум го фатил занаетот и живеам од ова, нема назад. Подготвен сум за секакви услови. Еве, имам и најлон и шатор. Ако врне, ќе се покријам, но ќе си поседам ако има луѓе. Ако нема, си одам дома. Се случува и ништо да не продадам цел ден, а може дома и празен да се вратам“, вели локумџијата.

Повеќе работа има во лето, тогаш и повеќе туристи доаѓаат на Гумење. Вели дека повеќето муштерии му кажале дека локумот му е за петка.

М. ЏАРОВСКА