ПРЕД 20 ГОДИНИ ВО ХОЛАНДИЈА СЕ СКЛУЧЕНИ ПРВИ ГЕЈ БРАКОВИ НА СВЕТОТ, ОТТОГАШ СЕ ЛЕГАЛИЗИРАНИ ВО УШТЕ 29 ЗЕМЈИ

Амстердам, (АП)

На денешен ден пред 20 години, градоначалникот на Амстердам Јоб Коен венчаше четири двојки во Градското собрание, откако Холандија стана прва земја на светот која легализираше истополови бракови.

„Вие имате две причини за радост: вашиот брак и вашето право да стапите во брак“, кажа тогаш Коен.

Геј бракови денес се легални во 28 држави низ цел свет, како и во Тајван. Најголем дел од нив се во западна Европа (16), додека Тајван е единственото место во Азија, а Јужна Африка на африканскиот континент.

„Напредокот е голем, нема сомнение, но пред нас сѐ уште е долг пат. Речиси 70 држави продолжуваат да ги криминализираат истополовите бракови“, вели Џесика Стерн, извршната директорка на глобалната група за човекови права „OutRight Action International“.

Швајцарија е на пат да стане 17. европска држава која ќе ги легализира геј браковите, откако тоа беше одобрено од парламентот во декември. Тие исто така се легални во САД, Канада, Костарика, Австралија, Нов Зеланд и во мнозинството од 32-те сојузни држави во Мексико.

Од историскиот 1 април 2001, во Холандија биле склучени повеќе од 18.000 истополови бракови, од кои 53% помеѓу жени.