ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „ПАНИКА“ ОД АЛЕКСАНДАР ИВАНОВСКИ ВЕЧЕРВА ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 21 часот, во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. Во претставата, која е дуодрама, настапуваат младите актери Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики.

Приказната е за двајца другари кои се немаат видено долго време и по многу поминати години и патешествија во животот тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг и се провоцираат еден со друг, по што избиваат нивните внатрешни конфликти.

„Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, во прашањата што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот притисок наметнува стеги каде што индивидуалниот идентитет се гуши и се преиспитува себеси. Преку оваа претстава сугерираме дека човек прво треба да се прифати таков каков што е за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога нема да можете да се воздржите од смеење“, кажа Сашо Димоски, директорот на театарот.

Драматург е Катерина Момева, сценографијата на Филип Коруновски, а музиката е избор на двајцата актери.

П. ПЕЧКОВ