„Д (како Дездемона)“ на Рисима Рисимкин се изведе во Верона во рамките на фестивалот „Планет Шекспир“. Претставата во продукција на Скопје танцовиот театар се играше на сцената на театарот „Камплој“.
Ова е вторпат дело на Рисимкин работено врз творештвото на Шекспир да биде покането во Верона. Рисимкин вели дека познавачите на неговото творештво, како и публиката во театарот биле маѓепсани од начинот на кој е претставена уште една жена од Шекспировиот опус и учесниците биле наградени со долги аплаузи.
На сцената настапија Анастасија Данчевска како Дездемона, Дејан Битровски како Јаго, Лука Ѓоргиевски како Отело, Сара Димовска како Емилија и Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска како Гласови. Со овој настап, студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го завршија третото издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“.
„Прекрасно беше чувството да настапиме пред веќе познатата публика во Верона, која несебично го прославува творештвото на Шекспир долги години. Да се изведе танцова претстава на овој светски класик и мајстор на зборот, за мене и за целата авторска и изведувачка екипа беше посебен предизвик и се радуваме на успехот. Танчарите се покажаа во најдобро светло и се создаде несекојдневна синергија помеѓу нив и публиката“, рече Рисимкин.