Холивудската легенда Роберт де Ниро и неговата сопруга се разделиле по повеќе од 20 години брак, јавија американски медиуми.
Сајтовите ТМЗ и „Холивуд рипортер“ и магазинот „Пипл“ цитираа анонимни извори, кои откриле дека 75-годишниот двократен оскаровец и 63-годишната Грејс Хајтауер веќе некое време не живеат заедно. Портпаролот на Де Ниро не бил достапен за коментар.
Де Ниро, кој веќе има еден пропаднат брак зад себе, и Хајтауер се венчаа во 1997 година и заедно имаат две деца, 20-годишен син и шестгодишна ќерка.
„Тие моментално не живеат заедно. Понекогаш работите не излегуваат како што посакувате или се надевате“, кажал извор близок до двојката.
Иако еден од најголемите и најпознати американски актери, Де Ниро секогаш го држел својот приватен живот далеку од очите на јавноста.