Мохамед Салах кажа дека е далеку од потпишување нов договор со Ливерпул. Бидејќи на крајот на сезоната му истекува договорот, 32-годишниот напаѓач од 1 јануари ќе може да преговара со неанглиски клубови за бесплатен трансфер.
Неизвесноста околу неговото (не)останување се случува додека Салах ја игра една од најдобрите сезони во кариерата. Вчера го постигна својот 20. гол во победата над Вест Хем од 5:0, по која Ливерпул ја задржа убедливата предност на врвот во Премиерлигата.
„Далеку сме од нов договор и не сакам ништо да кажувам во медиумите. Единственото нешто на што мислам сега е освојување на титулата со Ливерпул и сакам да бидам дел од тоа. Ќе сторам сѐ што можам за да го освоиме трофејот“, изјави Салах.
Покрај Салах, слободни играчи на крајот на сезоната стануваат и капитенот Вирџил ван Дајк и Трент Александер-Арнолд. Тренерот Арне Слот вели дека не е загрижен што тројцата би можеле да потпишат преддоговори со странски клубови по 1 јануари.
„Немам контрола врз нив кога станува збор за нивните приватни животи. Имам контрола врз тоа што го прават на теренот и моментално сум многу задоволен од она што го даваат Мо, Трент и Вирџил“, изјави Слот.
Салах беше вклучен во 30 првенствени голови на Ливерпул оваа сезона, од кои 17 како стрелец. Тој има дадено најмалку 20 голови во сите натпреварувања осум сезони по ред.
(Фото: АП)