Бебе се роди по 24 години поминати како замрзнат ембрион во криопрезервација, рекорд на најдолго зачуван ембрион во историјата.
Кога сонуваа да станат родители, Тина и Бенџамин Гибсон сигурно не мислеа дека ќе урнат светски рекорд.
Националниот центар за донација на ембриони на САД ѝ подари замрзнат ембрион на оваа двојка од Тенеси и тие велат дека биле зачудени кога им кажаа колку е стар. Нивната ќерка, Ема Рен, се роди на 25 ноември, откако Центарот го изврши трансферот на ембрионот. Интересно е што Тина Гибсон имала само една година во времето кога ембрионот бил замрзнат.
„Сфаќате дека јас имам само 25 години? Овој ембион и јас можевме да бидеме најдобри пријатели. Јас само сакав бебе, не ми е важно дали ова е светски рекорд или не. Многу сме благодарни и благословени. Ова е драгоцен подарок за Божиќ“, вели Тина Гибсон.
Тие не делат гени со своето дете, но Ема е родена кога здраво бебе и велат дека тоа им е најважно.
„Од прв момент кога се роди, се вљубив во неа“, кажа таа.
Првото бебе родено откако било замрзнато како ембрион е родено во Австралија во 1984 година, а досегашниот рекорд на најдоло замрзнат ембрион изнесуваше 20 години.
Се смета дека бројот на раѓања од ембрионална донација е во пораст за 25 проценти секоја година.