СЕКОГАШ БЕШЕ НАЈСМЕШНАТА ЛИЧНОСТ ВО СОБАТА, КАЖАА КРЕАТОРИТЕ НА „ПРИЈАТЕЛИ“ ЗА МЕТЈУ ПЕРИ, ПРИЧИНАТА ЗА СМРТТА ЗАСЕГА НЕ Е УТВРДЕНА

Лос Анџелес, (АП)

Креаторите на серијата „Пријатели“ се огласија по повод смртта на една од нејзините ѕвезди Метју Пери, кој почина на 54 години. Марта Кофман и Дејвид Крејн, како и извршниот продуцент Кевин Брајт во заедничка изјава кажаа дека Пери секогаш бил најсмешната личност на снимањето.

Нашите срца се скршени. Шокирани сме и тажни поради заминувањето на нашиот сакан пријател Метју. Тој секогаш беше најсмешната личност во просторијата, но и повеќе од тоа“, кажаа тие.

Меѓу оние кои му оддадоа почит на Пери е и канадскиот премиер Џастин Трудо, со кого заедно учеле во основно школо, додека мајката на Пери работеше како портпаролка на таткото на Трудо, Пјер, додека тој беше премиер.

Никогаш нема да заборавам како сме се играле заедно во школскиот двор, а знам дека луѓето низ светот никогаш нема да ја заборават радоста што им ја донесе“, напиша Трудо на Икс.

Пери (54), кој долги години се бореше со зависноста од алкохол, дрога и лекови, беше пронајден мртов во џакузито во својот дом во Лос Анџелес. Властите кажаа дека причината за смртта не била утврдена со првичната аутопсија, па ќе биде потребна дополнителна истрага.

Фото: Фановите оставаат цвеќе пред зградата во Њујорк позната како зградата „Пријатели“ (Фото: АП)