„Оклоп“ е документарен театарски перформанс во кој учествуваат лица со попреченост и нивните блиски, во режија на Аница Бебиќ. Премиерата беше во декември, онлајн, на официјалниот Јутјуб канал на „Оклоп“ и можеше бесплатно да се гледа преку линк што беше поставен на Фејсбук и Инстаграм. На истиот принцип имаше уште четири изведби годинава, а следуваат уште две, на 27 и 28 март, во 20 часот.
„’Оклоп’ е претстава која комбинира актерски монолози и вистински интервјуа. Првата замисла беше да биде театарски перформанс со истата тематика, но разработувајќи ја темата и запознавајќи повеќе лица со попреченост и нивни блиски, сфатив дека е добра идеја доколку на перформансот му се додаде една нишка на документарен филм, во кој луѓето кои сакаат, ќе можат да ја раскажат својата приказна пред камера“, вели Бебиќ.
Идејата е на Бебиќ, која е и актерка, режисерка и координаторка, а како актери учествуваат и Захарија Ангелеска и Филип Трајаноски. Музиката е на Оливер Јосифовски, Маја Крстеска е кореограф на еријал слинг техника на платно, а Тома Димовски и Искра Донева се ликовен уметник и поетеса. Радмила Периќ, Коце Димов, Зоран Костадиновски, Томислав Атанасовски, Марија Филипоска, Нада Костоска, Ангела Чингоска и Зоран Мијалков, како и еден родител кој посака да остане анонимен се придружија на екипата на „Оклоп“ со нивните интервјуа. Некои од нив работат со овие лица, некои се членови на нивните фамилии, а некои и самите се лица со попреченост од повеќе градови низ земјава.
„Се потрудив во интервјуата, но и во креативниот дел да разработам повеќе видови на попреченост (лица со церебрална парализа, со оштетен вид, оштетен слух, аутизам ) и да ѝ доловам на публиката колку што е можно повеќе информации за тие попречености, но најважно ми беше да ги видат нивната човечност, нивните проблеми во ова општество, но и позитивноста која ја носат во себе. И тоа се трудев да го постигнам со секое интервју што го снимав“, додава Бебиќ.
Во тимот се и Бранко Блажевски како аудиовизуелен техничар и монтажер, снимател е Илија Жоговски, а Теано Кардула го креираше театарскиот постер. Преводот на англиски е на Анетка Копачева и Димитар Златески, како и на знаковен јазик, направен од Викторија Волак.
Претставата е работена во организација на „ЕТНА-АРТ ФУЗИЈА“ од Крушево, со поддршка на германската амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права).
Б. НЕСТОРОСКА