ШПАНКА НАПРАВИ КОЗМЕТИЧКА ЛИНИЈА ОД ИСКОРИСТЕНО ОВОШЈЕ

Мадрид, (Дезин)

Шпанската дизајнерка Хулија Рока Вера лансираше линија козметички производи направени од фрлено овошје. Линијата го носи името „Лајг“, каталонски збор за грдо.

„Зедов еден од фрлените портокали од еден супермаркет за да видам колку различни производи можам да направам само од едно единствено парче. На овој начин би можела да го искористам максимумот и да ја намалам количината на отпад“, вели Рока Вера.

Од преработката на портокалот таа успеала да добие четири различни производи: хидратантна крема, сапун, цеден сок и потпури (ароматична смеса). Линијата е направена по древна холистичка традиција на капење.

„За да се заврши ритуалот, измешајте ги потпурите со млака вода. Измијте го лицето и ќе добиете убава и миризлива кожа. По прочистувањето на лицето, нанесете ја хидратантната крема и оставете ја убаво да се апсорбира. Додека седите со кремата на лицето, испијте го сокот од портокал за хидрација на телото”, препорачува дизајнерката.

Секој од овие производи е спакуван во керамички сад, што може да се наполни повторно, место да се фрла откако производот ќе се потроши.