Луис Буфон, синот на легендарниот италијански голман Џиџи Буфон, објави дека во иднина ќе настапува за фудбалската репрезентација на Чешка, а не за татковината на татко му.
Седумнаесетгодишниот играч на Пиза беше повикан во чешката репрезентација до 18 години за мечевите со Англија, Франција и Португалија. Младиот Буфон има право да настапува за Чешка бидејќи мајка му е некогашната чешка манекенка Алена Шередова.
Буфон, кој неодамна го имаше своето професионално деби во дресот на италијанскиот второлигаш, кажа дека сака да биде лојален на татковината на мајка му.
„Зборев со семејството и решивме дека играњето за Чешка би било најдобро за мојата кариера и мојот развој“, кажа Буфон, кој е роден во Торино.
(Фото: Инстаграм)