СПОЕНИТЕ БЛИЗНАЧКИ ОД БУТАН НЕ САКААТ ДА БИДАТ ЕДНА БЕЗ ДРУГА И ПО ОПЕРАЦИЈАТА ВО МЕЛБУРН

Мелбурн, (Си-Ен-Ен)

И покрај тоа што сега се независни, споените близначки од Бутан, кои минатата недела беа разделени од австралиски хирурзи, не сакаат да бидат одвоени една од друга, откриваат од Кралската детска болница во Мелбурн.

Петнаесетмесечните Дава и Нима Пелден, кои беа родени споени во стомакот, мораа да патуваат 9.600 километри заради операцијата која им го промени животот.

„Тие никогаш не се далеку една од друга. Се обидовме и успеавме малку да ги одделиме, но тие постојано се доближуваат и се испреплетуваат со нозете“, вели Кели Смит, координаторката на медицинските сестри во болницата.

Сестричките во прв момент биле ставени во посебни креветчиња, но „тоа не им се допаѓало“.

„Сега се во ист кревет и среќни се кога се играат една со друга и тоа, всушност, е многу убава глетка. Исто така, сакаат мајка им кога е во близина“, додава Смит.

Главниот детски хирург Џо Крамери вели дека тие закрепнуваат добро една недела по операцијата, која траеше повеќе од шест часа и во која беше вклучен 25-член медицински тим. Операцијата беше изведена на 9 ноември и се проценува дека чинела 180.000 долари.

„Пополека се враќаат во нормалниот живот. Тие повторно јадат и се движат наоколу“, вели Крамери.

Според официјални податоци, споени близнаци се раѓаат еднаш во 200.000 случаи и 70% се женски.