ДЕЦА ИСПРАТИЈА ПОРАКА ПРОТИВ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ОД АЛПИТЕ СО НАЈГОЛЕМАТА РАЗГЛЕДНИЦА НА СВЕТОТ

Цирих, (Би-Би-Си)

Деца од цел свет испратија порака против глобалното затоплување од швајцарските Алпи, составувајќи ја најголемата разгледница на светот. Поставена на глечерот Алеч, кој постепено се намалува, во овој огромен мозаик се вклучени 125.000 цртежи и пораки.

„Ние сме иднината, дајте ни шанса“, вели еден од постерите.

(Фото: Гети)

Видена од горе, целата слика од 2.500 квадратни метри испраќа порака „да се ограничи глобалниот пораст на температурите на 1,5 Целзиусов степен“, на што неодамна повикаа и научниците.

Настанот беше организиран од една непрофитна еколошка организација и од Агенцијата за развој на Швајцарија и тие се надеваат дека разгледницата ќе влезе во Гинисова книга на рекорди.

Тие го избраа токму овој глечер бидејќи се топи со алармантна брзина. Експертите од Универзитетот во Цирих предупредија дека ова ледено пространство од 23 километри, најголемо во западна Европа, би можело целосно да исчезне до 2100 година.