СТАДИОНОТ НА НАПОЛИ ЌЕ ГО НОСИ ИМЕТО НА МАРАДОНА

Неапол, (АП)

Повеќе од 11.000 километри подалеку од Буенос Аирес, уште еден град тагува по Диего Армандо Марадона.

Градоначалникот на Неапол, Луиџи де Маџистрис, почна формална процедура за преименување на стадионот „Сан Паоло“ во „Диего Армандо Марадона“. Ова следува ден по смртта на еден од најголемите фудбалери на сите времиња, кој своите златни години ги помина во Наполи, предводејќи го до две шампионски титули во Италија.

„Веќе ги направивме првите чекори да го посветиме стадионот на Наполи на Марадона. Тоа е процес, но ќе биде брз. Овој стадион сведочеше на толку многу негови успеси. Луѓето го сакаат тоа, тие беа едногласни“, изјави Де Маџистрис, кој денеска прогласи и ден на жалост во градот.

Управата на Наполи веќе се согласила и официјалната потврда се очекува во наредните неколку дена. Марадона играше за Наполи од 1984 до 1991 година.

„Мислам дека е фер да го крстиме стадионот според него. Неговите години ќе останат засекогаш во сеќавањата на неаполитанците“, кажа претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис.