СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА ОД ЊУЈОРК ВРЕСКАА ОД СРЕЌА ПО ДОНАЦИЈАТА ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ЗА НИВНИТЕ ШКОЛАРИНИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Јулијана Домингес Паес, 24-годишна студентка на медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк, преку Фејстајм ѝ соопшти на пријателка дека добила бесплатна школарина за студиите.

Рут Готесман, која 55 години била претседателка на одборот на оваа установа, им го смени животот на Паес и на 

нејзините врсници. Студентите на „Алберт Ајнштајн“ ќе имаат бесплатна школарина откако колеџот доби донација од милијарда долари од 93-годишната Готесман. Таа ги донирала парите во името на својот покоен сопруг Дејвид Сенди Готесман.

Рут Готесман ги донирала парите во името на својот покоен сопруг Сенди Готесман (Фото: Њујорк тајмс)

Ова е најголемата донација за кое било медицинско училиште во земјата“, изјави Филип Узуа, извршниот директор на „Монтефјоре медисин“, матичната компанија на училиштето.

Сенди Готесман, кој почина во 2022, бил коосновач на њујоршката инвестициска фирма „Фирст Менхетн“. Семејството Готесман долго време е вклучено во добротворни проекти поврзани со здравството. Во 2010 донирало 25 милиони долари за колеџот „Алберт Ајнштајн“.

Поранешната професорка на колеџот и филантропка објави дека донира милијарда долари со намера да ја елиминира школарината за оние кои студираат медицина во ова училиште во Бронкс. Студентите врескаа од среќа, скандираа и им се јавуваа на своите мајки.

„Кога се вратив во студентскиот дом, само ги прегрнав сите мои пријатели, бидејќи ова ни го менува животот на сите нас“, рече Паес,

Помалку од 24 часа по објавата на Готесман, пет студенти зборуваа за Би-Би-Си во дворот на колеџот за да ги споделат своите нови идеи за иднината.

Професорот Питер Кембел кажа дека никогаш не видел толку среќни млади луѓе на едно место (Фото: принтскрин)

„Се чувствував како некој да одговорил на моите молитви“, рече Сем Ву, студент по медицина од прва година.

Кога пристигнал пред неколку месеци, тој верувал дека ќе мора да си најде работа и да земе заем за да продолжи да студира и да го издржува семејството.

Овој приватен колеџ наплатуваше 59.000 долари годишно за својата четиригодишна медицинска програма, за која Паес рече дека е премногу скапа за многумина.

Студентите велат дека ова целосно им го менува животот (Фото: принтскрин)

Американските медицински училишта обично се многу скапи и многумина лекари ја започнуваат својата кариера со шестцифрени долгови. Во 2023, студентите по медицина во САД во просек дипломирале со долг од 250.995 долари за студентски заем.

Питер Кембел, професор по епидемиологија и биостатистика на колеџот, го опиша понеделникот кога беше објавена донацијата како „најсреќниот ден што го доживеал во 20 години настава“, од кои три во „Ајнштајн“.

„Никогаш не сум видел 20-годишници толку среќни во мојот живот“.

Многу сум му благодарна на мојот покоен сопруг Сенди што ми ги довери овие фондови и голема привилегија е да се даде ваков подарок за така достојна цел“, изјави донаторката Рут Готесман.

Таа се приклучила на ова медицинско училиште во 1968 и помогнала да се развијат скрининг, евалуација и третмани за деца со пречки во учењето.