„ТАЈМ“ ИЗБРА 15-ГОДИШНА ИНОВАТОРКА ЗА ДЕТЕ НА ГОДИНАТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Петнаесетгодишна иноваторка ја понесе титулата Дете на годината во првиот ваков избор што го направи магазинот „Тајм“. Гитанџали Рао од Денвер се надева дека ќе инспирира други да излезат со идеи што можат да решат светски проблеми.

Рао, меѓу другото, измисли уред кој на брз и евтин начин може да идентификува олово во вода за пиење и создаде апликација која со помош на вештачка интелигенција открива малтретирање преку интернет.

„Ако можам јас, можете и вие, сите можат“, вели Рао.

Во интервјуто со Анџелина Џоли за „Тајм“, Рао вели дека не изгледа како типичен научник.

„Сѐ што ќе видите на телевизија како научници се постари, главно бели мажи. Мојата цел не е само да создавам уреди што ќе решат светски проблеми, туку и да инспирирам други да го прават истото. Нашата генерација се соочува со проблеми какви што не се видени досега, додека во исто време, старите проблеми сѐ уште постојат“, вели Рао, која претходно беше прогласена за најдобар млад научник во САД.