ТАНЦ ФЕСТ ЈА ВОСТАНОВИ НАГРАДАТА „РОКСАН СТОЈАНОВ“ ЗА МЛАДИ БАЛЕТСКИ УМЕТНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Танц фест Скопје ја востанови наградата „Роксан Стојанов“ за млади балетски уметници, на иницијатива на француската балерина со македонско потекло Роксан Стојанов.

Стојанов, која минатиот декември беше прогласена за Ѕвезда на Париската опера, во април ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност.

„Овој натпревар во организација на културниот центар ‘Интерарт‘, во соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, ќе биде отворен за балетски уметници од 16 до 20 години, кои ќе можат да депонираат свои кандидатури во текот на оваа есен и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми“, соопшти Танц фест.

Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална програма, што ќе ја изведат пред интернационално жири во текот на Скопје танц фест во периодот од 15 до 20 април 2026. Наградениот ќе има можност да престојува една недела во Париз, а престојот под менторство на Стојанов вклучува часови и професионални средби.

Стојанов, која е родена во градот Жер на југот на Франција, по татко е Македонка, а по мајка Французинка. Во 2022 стана примабалерина на Балетот.

Фото: Д. Перковски