АКО МЕЧКА ГО СРЕТНЕ ПУТИН, ТАА ЌЕ СЕ ОДНЕСУВА КУЛТУРНО – СТАРТУВАШЕ НОВАТА ЕМИСИЈА ЗА РУСКИОТ ЛИДЕР

Москва, (Гардијан)

Одличната физичка подготвеност на Владимир Путин и неговата љубов кон децата се величаат во првата епизода од новата неделна програма, посветена на активностите на рускиот претседател.

„Москва. Кремљ. Путин“, која почна да се емитува вчеравечер на државната телевизија „Росија 1“, исто така, се пошегува дека дури и дивите животни се плашат од рускиот лидер.

Таа се емитуваше неколку часа откако илјадници луѓе излегоа на протестите против најавените непопуларни пензиски реформи, кои му донесоа најнизок рејтинг на Путин во последните четири години, а најавени се и нови, уште помасовни.

Протестите не беа спомнати во емисијата, туку се фалеше волјата на Путин „да преземе одговорност за неопходни реформи“.

„Путин не ги сака само децата, тој воопшто ги сака луѓето“, вели гостинот во емисијата, Дмитри Песков, инаку портпарол на Кремљ.

Емисијата го следеше Путин и при неговата неодамнешна посета на Сибир.

„Ова е дива природа, тука има и ѕверови. Телохранителите добро се вооружени, за секој случај. Иако, ако мечка го види Путин, таа ќе се однесува културно. Тие не се идиоти“, се пошегува Песков.