БАРАК И МИШЕЛ ОБАМА ЌЕ ПРАВАТ СЕРИИ И ФИЛМОВИ ЗА „НЕТФЛИКС“

Њујорк, (АП)

Барак и Мишел Обама влегуваат во телевизискиот бизнис, откако беше објавено дека потпишале повеќегодишен договор со „Нетфликс“.

Тие основаа своја сопствена компанија „Хајер грауднс продакшнс“, но „Нетфликс“ не откри какви серии ќе прават.

Од компанијата само кажаа дека „тие ќе понудат различни содржини, што може да вклучува серии со и без сценарио и документарни и играни филмови“.

„Се надеваме дека ќе успееме да собереме талентирани, креативни и инспиративни поединци, кои се способни да промовираат поголемо разбирање и емпатија помеѓу луѓето и да им помогнеме да ги споделат своите приказни со пошироката јавност“, се вели во соопштението на семејството Обама.

Деталите од договорот нема да бидат познати барем до 2019 година.

„Горди сме што тие го избраа ‘Нетфликс‘ за нивните огромни раскажувачки способности“, изјави шефот на програмскиот дел, Тед Серандос.