ДА СЕ НАПРАВИ СЕРИЈА „ЧЕТИРИ ВЕНЧАВКИ И ПОГРЕБ“ БЕЗ ХЈУ ГРАНТ БЕШЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Да се направи ТВ-серија базирана на филмот „Четири венчавки и погреб“ без ѕвездата Хју Грант беше голем предизвик за креаторите, кои на приказната од британската комедија од 1994 година ѝ дадоа модерен пресврт.

Затоа тие решија во серијата од десет епизоди да стават американски ликови кои се поврзани со Велика Британија и кастингот да биде мултикултурен. Од старата екипа во серијата се појавува само Енди Мекдауел.

Кокреаторка на серијата, која почна да се емитува на 31 јули, е Минди Калинг, која е автор на американската верзија на серијата „Канцеларија“. Таа вели дека било застрашувачки да се преработи еден од најпопуларните и најомилени британски филмови.

„Беше застрашувачки, зашто сите го сакаме тој филм. Така дојдов на идеја да внесам љубовна приказна помеѓу Афроамериканка и Британец со пакистанско потекло. Фактот дека ликовите немаат расни ограничувања беше многу освежувачки“, вели Калинг.

Новата серија исто така се снимаше во Лондон, а во главни улоги се ѕвездата на „Игра на тронови“ Натали Емануел и Никеш Пател.