НОВАТА 3-Д МАПА ПОКАЖА ДЕКА МЛЕЧНИОТ ПАТ НЕ Е РАМЕН ДИСК, ТУКУ ИМА ИСКРИВЕН ОБЛИК

Варшава, (Би-Би-Си)

Астрономите ја објавија досега најдетаљната, тридимензионална мапа на Млечниот Пат, која покажува дека нашата галаксија не е рамен диск, како што се претставува во школски текстови и научни книги, туку е искривена, како „винил кога ќе се остави на сонце“.

Новата мапа беше објавена во магазинот „Нејчр“ од астрономите од Универзитетот во Варшава и тие сметаат дека нејзиниот облик се искривил преку интеракциите со околните галаксии во минатото.

Популарната слика на Млечниот Пат како рамен диск се базирала на набљудувањето на 2,5 милиони ѕвезди од можни 2,5 милијарди.

„Тие уметнички претставувања се само груби приближувања до вистинскиот облик на нашата галаксија. Ние сѐ уште сме далеку од тоа да ги разбереме внатрешната структура и историјата на Млечниот пат, делумно и поради тоа што е многу тешко да се измери оддалеченоста на ѕвездите во надворешните региони“, изјави д-р Дорота Сковрон од Универзитетот во Варшава.

За да добијат поточна слика, Сковрон и нејзините колеги ја мереле оддалеченоста на некои од најсветлите ѕвезди во Млечниот Пат. Станува збор за масивни, млади ѕвезди илјадници пати посветли од нашето Сонце, кои можат да се набљудуваат и ако се наоѓаат на работ на галаксијата. Тоа им овозможило на научниците да ја пресметаат нивната оддалеченост со голема прецизност.

„Нашите резултати покажаа дека Млечниот Пат не е рамен, туку е искривен далеку од својот галактички центар“, додаде Сковрон.