ЏОН ЛИТГОУ ЌЕ ГО ГЛУМИ ДАМБЛДОР ВО НОВАТА СЕРИЈА ЗА ХАРИ ПОТЕР

Лондон, (Би-Би-Си)

Американскиот актер Џон Литгоу ќе ја преземе улогата на Дамблдор во новата серија за Хари Потер. Холивудските сајтови „Вараети“ и „Дедлајн“ објавија дека тој бил во завршните преговори за улогата на шефот на Хогвартс.

Седумдесет и деветгодишниот Литгоу се прослави и во комични и во драмски улоги, а го играше и Винстон Черчил во хит-серијата „Круна“.

Во филмовите за Хари Потер Албус Дамблдор го играа сега покојните британски актери Ричард Харис и Мајкл Гамбон. Серијата, чие снимање треба да почне ова лето, ќе има сосема нова актерска екипа, а за трите главни детски улоги беше распишан отворен кастинг.

„Серијата ќе биде верна адаптација на легендарните книги на Џеј Кеј Роулинг и планирано е да трае цела деценија“, објави стриминг сервисот „Ејч-Би-О макс“.

(Фото: Гети)