ЕНДРЈУ ЛИНКОЛН ПОТВРДИ ДЕКА ЈА НАПУШТА СЕРИЈАТА „ЖИВИ МРТОВЦИ“

Сан Диего, (Вараети)

По осум крвави сезони, Ендрју Линколн и самиот потврди дека ја напушта улогата на шерифот Рик Грајмс.

Гостувајќи на фестивалот „Комик кон“ во Сан Диего, британскиот актер изјави дека претстојната, деветта сезона на „Живи мртовци“, што почнува во октомври, ќе биде последна за него.

„Имам чувство дека сите во просторијата сакаат да ми го постават прашањето дали е ова мојата последна сезона. Да, ова ќе биде мојата последна сезона како Рик Грајмс. Ја сакам серијата, таа сè ми значи. Ги сакам луѓето кои ја прават, но, пред сè, ми значат луѓето кои ја гледаат“, кажа Линколн.

Бидејќи ликот на Грајмс е сè уште жив во стрипот, засега не е познато како ќе се изведе заминувањето на Линколн.

„Не сакам ова да биде оскаровски говор или некролог. Ова беше најневеројатното и најубаво искуство во мојата кариера и мојот однос со Рик Грајмс е далеку од завршен. Но, имам и свое семејство и време е да си одам дома“, додаде тој.