„Епл“ постигна договор со „DHX Media“ за правење нови содржини од легендарниот анимиран серијал „Пинатс“ за својот нов сервис за стримување. Тоа вклучува нова оригинална серија, специјали и кратки цртани филмови базирани на легендарната екипа создадена од покојниот Чарлс М. Шулц.
Покрај тоа, во соработка со НАСА, ќе се прави посебна серија со Снупи како астронаут, со цел кај новите генерации да се поттикне страста за вселенски истражувања.
„DHX Media“ купи голем удел во „Пинатс“ минатата година, во договорот вреден 345 милиони долари, за да се приклучи на сѐ поголемото детско програмско портфолио на „Епл“, кое ги вклучува и „Телетебиси“ и „Инспекторот Гаџет“.
Шулц првпат ги претстави ликовите на Чарли Браун, Снупи, Луси, Лајнус, Сели и Вудсток во 1950 година, кога неговиот стрип дебитираше во седум весници. Од него подоцна произлезе цела медиумска империја.
Ова е уште една голема аквизиција на „Епл“, чија платформа ќе содржи и серии на Џенифер Анистон и Риз Видерспун, потоа на Ем Најт Шјамалан, Џеј Џеј Абрамс, Демиен Шазел и на Стивен Спилберг.