КРУШАТА ПОД КРУША ПАЃА, РЕЧЕ АРНОЛД ШВАРЦЕНЕГЕР ЗА РАЗГОЛЕНАТА СЦЕНА НА СИН МУ ПАТРИК ВО „БЕЛИОТ ЛОТУС“

САД, (Си-Ен-Ен)

Арнолд Шварценегер објави фотографија со синот Патрик од премиерата на третата сезона на „Белиот лотус“ во Холивуд и ја искоментира неговата разголена сцена во првата епизода.

„Каква серија! Бев изненаден кога дознав дека тој има сцена во која е гол, но што да кажам, крушата под круша паѓа“, кажа поранешниот гувернер на Калифорнија.

Шварценегер и самиот се разголи во хит-филмот „Терминатор“ од 1984.

Во новата сезона на серијата создадена од Мајк Вајт, Патрик Шварценегер го игра Саксон Ратлиф, арогантен син од богато семејство. На прес-конференцијата пред премиерата, тој зборуваше за неговите разголени сцени и изрази блага загриженост зашто неговото семејство ја гледа серијата.

„Целото мое семејство доаѓа на премиерата, па ќе видиме како ќе биде тоа“, рече тој и навести дека има некои сцени подоцна во сезоната што ќе ги премота ако ги гледа со семејството.

Третата сезона на „Белиот лотус“ ќе има премиера на 16 февруари на Ејч-Би-О.